Во срцето на Рим, во непосредна близина на Колосеумот, утрово се урна дел од средновековната кула Торе деи Конти, која во моментот била во процес на реставрација.
Според информациите на Euronews, четворица работници биле спасени, додека еден сè уште се наоѓа под урнатините и по него трагаат спасувачките екипи.
Кулата, изградена во 1238 година од папата Инокентиј III, била дел од проект финансиран преку Националниот план за закрепнување и отпорност на Италија. Несреќата се случила околу 11:30 часот.
Противпожарната бригада во Рим испратила три оперативни екипи, два камиони со скали и специјализирани единици на местото на несреќата. Тројца работници, кои биле заробени на врвот од кулата, биле успешно евакуирани со помош на противпожарна скала, додека четвртиот бил извлечен од внатрешноста на структурата.
Се верува дека петтиот работник е сè уште под урнатините.
На местото на несреќата пристигна и градоначалникот на Рим, Роберто Гвалтиери. Локалната полиција ја затвори Виа деи Фори Империјали – една од најпознатите улици во историскиот центар на Рим – за да се овозможи непречена работа на службите за итни случаи.
Кулата со години беше запоставена пред да започне реставрацијата. Засега не е позната причината за уривањето, ниту обемот на штетата. Инцидентот се случи веднаш до археолошкото подрачје Форум, една од најпопуларните туристички зони во италијанската престолнина.
















