Владата на Шведска донесе одлука за прилагодување на поддршката кон Србија во рамките на својата Стратегија за партнерство за реформи со Западен Балкан и Турција, соопшти шведскиот парламент. Одлуката подразбира дека дел од финансиската и институционалната помош за српските државни институции ќе биде суспендирана, а фокусот ќе се пренасочи кон поддршка на граѓанското општество и независните организации.
Министерот за развојна помош и надворешна трговија на Шведска, Бенјамин Доуса, изјави дека ситуацијата во Србија се движи „во погрешна насока“, укажувајќи на растечката корупција, недостигот од владеење на правото и слабеењето на демократските стандарди.
„Земјите не можат да очекуваат шведска поддршка ако не ги спроведуваат реформите што ги очекуваме. Корупцијата, нападите врз медиумите и ограничувањето на слободата на изразување се јасни сигнали дека мора да реагираме“, рече Доуса.
Шведската влада веќе подолг период го следи недостатокот на реформска волја кај српската власт, особено во областите на правосудството, транспарентноста и почитувањето на основните човекови права. Во официјалното соопштение стои дека одлуката е во согласност со принципите на проширување на Европската унија, според кои државите што напредуваат во реформите се наградуваат, а оние што заостануваат или ги прекршуваат демократските норми може да се соочат со ограничување или целосно запирање на финансиската поддршка.
„Од овој момент, дел од средствата што беа предвидени за државните институции во Србија ќе бидат пренасочени кон проекти што го зајакнуваат граѓанското општество и демократијата“, се наведува во заклучокот на Владата на Шведска.
Со оваа одлука, Стокхолм испраќа јасен сигнал до Белград дека европската поддршка не е безусловна и дека демократските принципи остануваат најважен критериум за соработката.
















