Најмалку 83 лица биле итно евакуирани откако синоќа избувнал пожар на покривот на хотел со пет ѕвезди во познатото скијалиште Куршевел, во регионот Савоја во Франција, соопштија надлежните противпожарни служби.
Пожарот избувнал во текот на ноќта и брзо се проширил по покривната конструкција на луксузниот хотел „Гранд Алп“. Според првичните информации, постои реален ризик огнот да се прошири и на околните објекти, што дополнително ја зголемува сериозноста на ситуацијата.
Француската телевизија BFM пренесува дека пожарникарските екипи и понатаму се на терен и вложуваат максимални напори за целосно ставање на огнената стихија под контрола. Интервенцијата е значително отежната поради дебелите снежни наслаги кои го ограничуваат пристапот до објектот и ја усложнуваат проверката на зафатените делови од хотелот.
Од префектурата соопштија дека станува збор за исклучително сложена и ризична операција, при што приоритет е безбедноста на евакуираните гости, како и спречување на натамошно ширење на пожарот кон соседните згради.
Надлежните служби продолжуваат со активностите на терен, а јавноста ќе биде дополнително информирана за развојот на настанот.














