Доналд Трамп повторно се најде во центарот на вниманието на јавноста, откако на светската премиера на документарниот филм „Меланија“ направи незгоден гаф што брзо стана предмет на потсмев. За време на појавувањето на црвениот тепих, американскиот претседател не успеа да се сети од која земја потекнува неговата сопруга, првата дама Меланија Трамп.
Настанот се одржа во новиот „Трамп Кенеди“ центар, а филмот, зад кој стои Амазон со инвестиција од околу 40 милиони долари, нуди внимателно режиран поглед во животот на првата дама и нејзината улога по враќањето на Трамп во Белата куќа. На премиерата, сепак, отсуствуваа пошироките членови на семејството, вклучително и синот Барон.
Непријатниот момент се случи кога новинарите го прашаа Трамп како се чувствува по повод филмот за неговата сопруга. Тој изјави дека е „многу горд“ на неа, но кога требаше да каже од каде потекнува, застана. Наместо конкретен одговор, Трамп ја опиша како личност од „далечна, убава и многу безбедна земја“, без да ја именува државата.
Иако не ја спомна земјата, Трамп не штедеше пофалби за Меланија, истакнувајќи дека таа зборува повеќе јазици, е исклучително паметна и позитивно влијае врз него. Сепак, токму пропустот да ја каже нејзината татковина беше доволен социјалните мрежи да се наполнат со иронични коментари и шеги.
Инаку, Меланија Трамп е родена во 1970 година во Словенија – факт што интернет корисниците брзо го потсетија претседателот дека не треба да го заборава.
















