Бројот на повредени од експлозијата во иранското пристаниште Раџаи порасна на над 500
Бројот на повредени во силната експлозија што денеска одекна во јужното иранско пристаниште Шахид Раџаи, во близина на градот Бандар Абас, се искачи на најмалку 516 лица, јави иранската новинска агенција „Тасним“.
Престижното пристаниште Раџаи, преку кое годишно поминуваат околу 80 милиони тони стоки, е еден од главните логистички и трговски центри на Иран. Експлозијата дојде ненадејно и предизвика голема материјална штета, а причината сè уште не е официјално соопштена.
Според локалниот претставник за управување со катастрофи, Мехрдад Хасанзаде, експлодирал еден од контејнерите, но повеќе детали не се објавени. Иранската државна телевизија јави дека поради силата на детонацијата се урнала и една блиска зграда.
Инцидентот повторно ги стави во фокус честите индустриски несреќи во Иран, особено во секторите погодени од меѓународни санкции, како што е енергетиката. Поради санкциите, многу постројки работат со застарена опрема и имаат ограничен пристап до резервни делови, што сериозно го загрозува нивното безбедно функционирање.
Нови земјотреси денес ја погодија Турција – ова се најновите информации
Силен татнеж низ целата провинција
Локалното население сведочи дека експлозијата се слушнала на десетици километри, а во некои делови на провинцијата Хормозган се почувствувало и тресење на тлото. Детонацијата одекнала и во соседните градови, предизвикувајќи паника меѓу граѓаните.
Пристаништето Шахид Раџаи е од клучно стратешко значење за Иран, сместено на околу 1.050 километри југоисточно од Техеран, во Ормускиот теснец – една од најважните поморски рути во светот, низ која поминува околу 20% од глобалната трговија со нафта.
Бандар Абас, градот во чија близина се наоѓа пристаништето, е и дом на главната база на иранската морнарица. Неговиот геостратешко значење го прави чувствителна точка во сите регионални тензии и безбедносни прашања.