ПРВ.мк
Свет

УКРАИНА ИСПРАТИЛА РЕЧИСИ 1.200 ДРОНОВИ КОН РУСИЈА: Москва соопшти колку летала соборила!

УКРАИНА ИСПРАТИЛА РЕЧИСИ 1.200 ДРОНОВИ КОН РУСИЈА: Москва соопшти колку летала соборила!

Украина извршила еден од најголемите воздушни напади врз руска територија од почетокот на војната, испраќајќи речиси 1.200 беспилотни летала кон цели во Русија, објави Асошиејтед прес, повикувајќи се на информации од руското Министерство за одбрана.

Според руските власти, противвоздушната одбрана соборила вкупно 1.198 украински дронови во периодот од доцните вечерни часови во четвртокот до раните утрински часови во петокот.

И покрај тоа, во нападите врз три руски региони загинале седум лица, меѓу кои и 12-годишно дете, додека 17 лица биле повредени, соопштиле локалните власти.

Украинскиот Генералштаб, од друга страна, објави дека погодил рафинерија за нафта во рускиот град Волгоград, при што избувнал пожар. Според украинската страна, рафинеријата има капацитет од околу 110 милиони барели годишно.

Масовниот напад се случува во период кога украинските сили продолжуваат со удари врз руската енергетска и воена инфраструктура.

Русија возвратила со напади врз Украина

Истовремено, Русија испратила 117 беспилотни летала кон Украина во текот на ноќта. Според украинските власти, во нападите загинале најмалку две лица, меѓу кои и 17-годишно момче.

Во одделен напад врз јужниот украински град Запорожје биле погодени две петкатници, при што биле повредени 30 лица, меѓу нив и шест деца.

Руските напади врз енергетската инфраструктура предизвикале прекини во снабдувањето со електрична енергија во 12 украински региони.

Во тек и дипломатски разговори

Додека продолжуваат нападите на терен, паралелно се одвиваат дипломатски напори за запирање на војната.

Американски и руски претставници разговарале за пошироки безбедносни прашања во Европа, а се очекува во следните разговори да бидат вклучени и дипломати од Велика Британија, Франција, Германија, Италија, Полска и Европската Унија.

Европските лидери, сепак, предупредуваат дека не сакаат за идната безбедност на континентот да одлучуваат само Вашингтон и Москва.

Најнови вести