Семејството, роднините и граѓаните денеска во Гостивар одржаа мирен протест, барајќи поинтензивна реакција од институциите во потрагата по исчезнатиот Шабани Шемо.
Тој е пријавен за исчезнат на 16 октомври 2026 година, а неговото семејство и понатаму очекува одговори за неговото исчезнување.
Од Министерството за внатрешни работи информираат дека досега се преземени повеќе оперативни мерки за негово пронаоѓање, со вклучување и на специјални полициски единици.
Полициските екипи вршеле проверки на терен, пребарување и набљудување од земја, вода и воздух. Во истрагата биле прибирани и оперативни информации, а биле повикувани и лица на службени разговори.
Потрагата продолжува, досега нема пронајдени траги
Од МВР посочуваат дека биле пребарани локации во поблиската и подалечната околина, со вклучување и на локалното население.
И покрај преземените активности, досега не биле пронајдени информации или траги што би довеле до исчезнатиот.
Министерството најавува дека потрагата ќе продолжи непрекинато сè до неговото пронаоѓање.
Семејството преку денешниот протест повторно побара случајот да добие поголемо внимание и институциите да ги искористат сите расположливи можности за негово пронаоѓање.








