Колумбиските власти го уапсиле 46-годишниот Хулијан Гарсија Перес, познат под прекарот „Хермес“, кој е осомничен дека бил важен соработник на т.н. Балкански картел и учествувал во организирање големи пратки кокаин од Јужна Америка кон Европа.
Апсењето било извршено во близина на Меделин, по повеќедневно следење. Полицијата го пресретнала осомничениот додека го шетал своето куче. По него трагале властите во Луксембург, а сега се очекува постапка за негова екстрадиција.
Според наводите од истрагата, дрогата се испраќала од колумбиското пристаниште Картагена, а една од главните дестинации била белгиската лука Антверпен. Истражителите се сомневаат дека криминалната мрежа со која бил поврзан „Хермес“ успевала да испрати околу две тони кокаин месечно кон европскиот пазар.
Тој е осомничен и за перење пари преку компанија за производство на облека во Меделин.
Случајот се поврзува и со огромната заплена во Луксембург од февруари 2025 година, кога во индустриска машина пристигната од Колумбија биле откриени околу 900 килограми кокаин, проценети на вредност до 160 милиони евра.
Колумбиските власти соопштуваат дека апсењето е резултат на меѓународна соработка и повеќенеделна разузнавачка операција. Осомничениот сега се соочува со екстрадиција во Луксембург, каде што се бара поради кривични дела поврзани со трговија со наркотични средства.







