Американскиот претседател Доналд Трамп најави дека неговата администрација ќе покрене трговска истрага против Европската Унија и ќе воведе високи царини за европските производи, како одговор на милијардските казни што европските регулатори им ги изрекоа на неколку американски технолошки компании.
Повод за реакцијата е најновата одлука на Европската комисија да го казни „Гугл“ со 890 милиони евра поради нарушување на правилата за конкуренција, односно фаворизирање на сопствените услуги во резултатите од пребарувањето.
Во објава на социјалната мрежа „Truth Social“, Трамп оцени дека Европската Унија неправедно ги таргетира американските компании. Тој потсети и на претходните казни за „Епл“, „Мета“ и „Амазон“, тврдејќи дека станува збор за незаконска и дискриминаторска практика.
„Европската Унија ќе плати многу висока цена за ова незаконско и неетичко однесување“, порача Трамп, најавувајќи дека САД веднаш ќе започнат истрага и ќе одговорат со реципрочни трговски мерки.
Според неговите најави, целта е да се заштитат американските компании и даночните обврзници, а воведувањето нови царини треба да биде дел од поширок пакет економски мерки кон Европската Унија.
Од Европската комисија засега нема официјална реакција на најавите на американскиот претседател. Инаку, казните што Брисел им ги изрекува на големите технолошки компании се темелат на европските правила за заштита на конкуренцијата и дигиталниот пазар.







