Трамп: Путин сака договор, но проблемот е кај Зеленски
Американскиот претседател Доналд Трамп, во интервју за „Фокс њуз“, изјави дека рускиот претседател Владимир Путин сака постигнување на мировен договор и дека е уморен од војната во Украина.
На директното прашање дали го смета Путин за главна пречка за мир, Трамп го префрли фокусот на украинскиот претседател Володимир Зеленски. „Имав навистина тежок состанок со Зеленски, не ми се допадна тоа што го кажа, и не ми ги олесни работите. Отсекогаш сум тврдел дека нема план. И навистина нема“, рече Трамп.
Тој додаде дека конфликтот е обременет со длабока меѓусебна омраза. „Постојат многу силни чувства и многу омраза од двете страни“, рече тој, истакнувајќи дека само тој може да постигне вистински договор за прекин на војната.
Новинарот потсети дека Трамп неодамна на својата социјална мрежа Truth Social објави порака со апел до Путин под наслов „Владимир, СТОП“. На тоа, Трамп одговори дека Путин е подготвен за разговори и дека бара излез од ситуацијата.
„Ситуацијата не изгледа добро. А тој сака да изгледа добро. Не заборавајте, ова требаше да заврши за една недела. Да не заглавеа тенковите во калта, ќе беше во Киев за околу пет часа“, изјави Трамп.
Тој уште еднаш повтори дека само негово лично присуство може да доведе до мировен договор. „Секогаш сум чувствувал дека без мене нема да има средба, а без средба – нема договор. Имам многу добар однос со Путин, и верувам дека ќе постигнеме договор“, додаде Трамп, притоа нагласувајќи дека е подготвен да користи економски притисок врз Русија доколку дипломатските обиди не дадат резултат.