Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека САД се подготвени да обезбедат воена придружба за бродовите што минуваат низ Ормутскиот теснец доколку тоа биде потребно и предупреди дека следната недела може да следи силен напад врз Иран.
„Ќе го сториме тоа ако е потребно, но се надеваме дека работите ќе одат добро. Ќе видиме што ќе се случи“, изјави Трамп во интервју за Фокс њуз.
Тој додаде дека САД планираат да го погодат Иран „многу силно“ во текот на следната недела, без да открие конкретни детали за можните воени операции.
Изјавите на Трамп доаѓаат во време на сериозна ескалација на конфликтот меѓу САД, Израел и Иран, кој веќе трае околу две недели. Поради војната, цените на нафтата на светските пазари нагло пораснаа и се приближуваат до 100 долари за барел.
Ормутскиот теснец е еден од најважните морски патишта за транспорт на нафта во светот, па секоја ескалација во регионот може сериозно да влијае врз глобалната економија и снабдувањето со енергенси.
Аналитичарите предупредуваат дека евентуален нов напад може дополнително да ја зголеми нестабилноста на Блискиот Исток и да предизвика уште поголем раст на цените на енергенсите.


















