ПРВ.мк
Свет

На кого мислеше Марта Кос со „тројански коњ“ во ЕУ?

На кого мислеше Марта Кос со „тројански коњ“ во ЕУ?
Kristal

Европската комесарка за проширување Марта Кос изјави дека Европската Унија нема да дозволи во нејзините редови да влезат „тројански коњи“, односно држави кои би можеле одвнатре да ја поткопуваат Унијата или да работат во интерес на трети сили.

Говорејќи во Европскиот парламент, Кос нагласи дека земјите кои сакаат членство мора да бидат стабилни демократии и целосно да се усогласат со политиките на ЕУ.

„Нема тројански коњи. Земјите што би нè поткопале одвнатре не можат да станат членки на Европската Унија. Мора да бидеме апсолутно сигурни во тоа. Земјите што ќе се приклучат мора да бидат силни и отпорни демократии способни да се спротивстават на токсичното влијание на Русија и другите“, изјави Кос.

Иако комесарката не посочи конкретни држави, европски дипломати неофицијално велат дека најчесто во овој контекст се споменуваат Србија и Грузија. Причината е што овие земји се соочуваат со критики од Брисел поради нивните односи со Русија и одредени демократски назадувања.

Србија е единствената земја кандидат од Западен Балкан која од почетокот на руската инвазија врз Украина одбива да воведе санкции кон Москва. Токму поради тоа, процесот на преговори со ЕУ е практично замрзнат, а нови преговарачки поглавја не се отворени од крајот на 2021 година.

Од друга страна, Грузија се соочува со критики дека се оддалечува од европскиот курс, особено по усвојувањето на контроверзниот закон за „странски агенти“, кој според критичарите е сличен на руското законодавство и може да ја ограничи работата на невладините организации и независните медиуми.

Изјавата на Кос доаѓа во време кога Европската Унија размислува за нови механизми во процесот на проширување, со цел да се спречи идни членки да го блокираат функционирањето на Унијата или да дејствуваат под влијание на трети земји. Брисел веќе има искуство со внатрешни несогласувања во рамките на Унијата, па затоа сака да биде многу повнимателен со новите членки.

Пораката од Брисел е дека членството во ЕУ ќе биде можно само за земји кои целосно ги споделуваат европските вредности и се подготвени да ја следат заедничката политика на Унијата.

SWM
Pharmanova
FixCredit
Escape
Mia Home Mavrovo