ПРВ.мк
Свет

Трамп најави голем пресврт: САД ќе бараат од Европа да ги врати парите дадени за Украина

Трамп најави голем пресврт: САД ќе бараат од Европа да ги врати парите дадени за Украина

Американскиот претседател Доналд Трамп најави дека САД ќе побараат од европските држави да ги надоместат трошоците за дел од воената помош и муницијата што претходно биле испратени за Украина.

Трамп во објава на социјалните мрежи остро ја критикуваше администрацијата на неговиот претходник Џо Бајден, тврдејќи дека огромни средства биле дадени без Европа да биде задолжена да ги покрие трошоците.

„На Украина и НАТО им беа дадени бесплатно стотици милијарди долари, за кои Европа би платила доколку само беше побарано од нив. Но, ние ќе ги побараме тие пари, иако со извесно задоцнување“, порача Трамп.

Американскиот претседател истовремено ги отфрли извештаите дека резервите на американска муниција се сериозно исцрпени. Според него, САД го зголемуваат производството и во моментов задржуваат поголем дел од произведеното оружје и муниција за сопствени потреби.

Тој најави дека продажбата на американско оружје и муниција кон сојузниците наскоро повторно ќе се зголеми.

Изјавата доаѓа откако минатиот месец се појавија извештаи дека американската армија потрошила значителен дел од резервите на високопрецизно оружје со долг дострел во текот на воените операции против Иран, што отвори прашања за состојбата на американските воени резерви.

Трамп ги отфрла ваквите оценки и тврди дека производствените капацитети се зголемуваат.

Засега не се соопштени детали за тоа по кој механизам Вашингтон би барал ретроактивна наплата од европските држави, колкава сума би била побарана и кои конкретни испораки за Украина би биле опфатени со најавата.