Американскиот претседател Доналд Трамп се откажа од планот погубувањето со стрелање на поранешниот мајор на американската армија, Нидал Хасан, да биде пренесувано во живо. Иако претходно ја поддржа идејата, сè погласните критики за јавното прикажување на егзекуцијата придонеле за промена на одлуката.
На 15 октомври Трамп изјави дека многу луѓе со добри намери не би сакале да гледаат како Хасан умира. Сепак, претседателот нагласи дека планираниот начин на извршување на смртната казна останува ист.
„Тој ќе биде погубен со стрелање, според предвидениот распоред, но настанот нема да се пренесува во живо“, соопшти Трамп.
Претходно, американскиот претседател сметаше дека директниот пренос би можел да има одвраќачки ефект врз луѓето ширум светот и да им покаже какви последици ги очекуваат лицата што извршуваат терористички напади.
Потпретседателот на САД, Џеј Ди Венс, од почетокот бил скептичен кон ваквата идеја, наведувајќи дека лично не би сакал да го гледа погубувањето.
ХАСАН Е ОСУДЕН НА СМРТ ЗА УБИСТВО НА 13 ВОЈНИЦИ
Нидал Хасан во 2009 година отвори оган во воена база во американската сојузна држава Тексас. Во нападот загинаа 13 невооружени американски војници, а уште 32 лица беа ранети. За злосторството Хасан беше осуден на смрт.
Според најавите, извршувањето на казната ќе биде првото воено погубување во САД од завршувањето на Втората светска војна.
Трамп изјави дека членовите на семејствата на жртвите ќе имаат можност да присуствуваат на егзекуцијата.
„Семејствата заслужуваат да бидат сведоци на правдата“, порача американскиот претседател.
ХЕГСЕТ ПРЕТХОДНО НАЈАВИ ДЕКА СТРЕЛАЊЕТО ЌЕ БИДЕ ПРЕНЕСУВАНО ВО ЖИВО
Пентагон на почетокот на октомври соопшти дека погубувањето на Хасан е закажано за 3 декември 2026 година. Препорака за извршување на смртната казна дал американскиот министер за одбрана, Пит Хегсет, кој тогаш најавил дека стрелањето ќе биде пренесувано во живо.
„Луѓето мора да разберат дека ваквите постапки носат сериозни последици“, порача Хегсет.
Трамп претходно го опиша Хасан како „целосно луд“ и изјави дека не му е важно на кој начин ќе заврши неговиот живот, додавајќи дека смртната казна е соодветен начин за тоа.
Американскиот претседател тогаш категорично ја поддржа можноста погубувањето да се пренесува во живо, но напомена дека Пентагон сè уште ја разгледува одлуката.
По критиките што следуваа, Трамп сега потврди дека егзекуцијата ќе се изврши според планираниот распоред, но без јавен пренос во живо.








