ПРВ.мк
Свет

Судбината на Хамас е запечатена: Египќаните откриваат како ќе изгледа иднината на Газа

Судбината на Хамас е запечатена: Египќаните откриваат како ќе изгледа иднината на Газа

Египетскиот министер за надворешни работи, Бадр Абделати, ја претстави визијата на Каиро за решавање на кризата во Газа, истакнувајќи дека првиот чекор е итно воспоставување примирје и прекин на насилството. Според планот, Палестинскиот административен комитет ќе ја преземе привремената администрација на Газа, со цел постепено пренесување на целосната контрола на Палестинската власт и поврзување со Западниот Брег како основа за формирање палестинска држава.

Абделати нагласи дека Газа може да биде управувана само од Палестинците, а Египет ќе обезбеди поддршка и помош, додека меѓународната мисија ќе ја поддржува администрацијата до моментот кога Палестинската самоуправа ќе преземе целосен мандат.

Во врска со Хамас, египетскиот министер јасно истакна дека организацијата нема да има формална улога во управувањето со Појасот Газа по постигнувањето на прекинот на огнот. Преодната администрација ќе биде составена исклучиво од технократи, без фракционерски членови.

Абделати, исто така, ја поддржа идејата на американскиот претседател Доналд Трамп за итно запирање на војната, повторно обединување со Газа и отфрлање на анексијата на Западниот Брег, потенцирајќи дека раселување на Палестинците преку египетска територија никогаш нема да биде дозволено.

Граничниот премин Рафах ќе остане отворен само за хуманитарна помош, додека главната пречка останува на израелската страна, која го блокира влезот на илјадници камиони со помош.

„Палестинците имаат историско право на својата земја. Тие не можат и нема да бидат принудени да ја напуштат. Египет никогаш нема да го дозволи тоа“, заклучи Абделати.

Escape