Американскиот претседател Доналд Трамп утврди дека САД се во „вооружен конфликт“ со нарко-картели, кои неговата администрација ги означува како терористички организации, според меморандум од Пентагон доставен до Конгресот. Министерството за одбрана добило овластување за изведување воени акции против картелите, третирајќи ги трговците со дрога како „нелегални борци“.
Минатиот месец, американските сили нападнале брод во Карибите кој се верува дека превезувал членови на група поврзана со нарко-картел, при што загинале 17 лица. Првата акција била насочена кон осомничени шверцери поврзани со венецуелската организација „Трен де Арагуа“. Картелите се добро вооружени и организирани, со паравоени капацитети, што ги прави транснационални и способни за постојани напади низ Западната хемисфера.
Согласно Уставот, претседателот може да употреби воена сила без формално декларирање „војна“ од Конгресот, но мора да гарантира дека целите се легитимни и ги третира како борци според меѓународното и домашното право. Ознаката „нелегален борец“ им ја одзема правната заштита на картелите, кои традиционално се третираат како криминалци со право на фер судење.
Демократскиот сенатор Џек Рид го критикува потегот, истакнувајќи дека администрацијата не обезбедила веродостојно правно оправдување, ниту доволно докази или разузнавачки информации, а јавноста и Конгресот не биле информирани за овие акции.