Тешка железничка несреќа се случи во западниот дел на Полска, каде патнички воз се судрил со камион на железнички премин, по што возот излетал од шините. Во несреќата животот го загубил возачот на камионот, додека неколку патници се здобиле со повреди.
Инцидентот се случил во близина на градот Рогозно, во регионот Великополска, на железничката линија која води кон регионалниот центар Познањ. Според првичните информации од полските служби за итни случаи, сударот се случил на железнички премин кој немал рампи.
Портпаролот на полицијата, Кристов Ползин, изјавил дека станува збор за сериозна несреќа и потврдил дека патничкиот воз кој сообраќал на релацијата Рогозно – Познањ директно удрил во камионот.
По силниот удар, возот излетал од шините, а на местото веднаш биле испратени голем број спасувачки екипи. Во акцијата учествувале шест екипи на брза помош, 14 противпожарни единици, како и хеликоптер за итна медицинска помош.
Според информациите од противпожарната служба, неколку патници се здобиле со полесни повреди. Едно лице било пренесено во болница на дополнителни прегледи, додека останатите повредени најверојатно нема да имаат потреба од подолг медицински третман.
Надлежните служби во моментов вршат увид на местото на несреќата со цел да се утврдат точните причини за трагедијата. Засега не е познато како дошло до судирот и дали камионот се обидел да помине преку преминот во момент кога наидувал возот.
Несреќата предизвика прекин на железничкиот сообраќај на дел од линијата, а локалните власти апелираа граѓаните да ги избегнуваат околните патишта додека трае интервенцијата на спасувачките екипи.








