Во Турција денеска стапи на сила новата законска забрана со која целосно се ограничува пристапот до платформите на социјалните мрежи за децата помлади од 15 години, во рамките на строгите мерки што ги презеде Директоратот за сајбер безбедност за заштита на малолетниците на интернет.
Според новите прописи, кои беа усвоени кон средината на октомври, давателите на услуги се обврзани да не нудат пристап до овие мрежи за лица кои немаат наполнето 15 години, додека за постојните профили на помладите корисници е оставен преоден период до 31 март 2027 година за постепено гасење и укинување на нивните налози. За сите останати корисници се воведуваат посебни правила, па така младите на возраст меѓу 15 и 18 години ќе можат да користат социјални мрежи, но со посебни ограничувања што вклучуваат исклучување на опциите за пренос во живо, забрана за гледање реклами наменети за возрасни, како и можност за размена на пораки исклучиво со верификувани пријатели.
Процесот на верификација на возраста ќе се врши преку националната владина платформа за електронски услуги, по што корисниците ќе добиваат специјален дигитален токен со податоци за нивната возраст, а целиот систем е дизајниран така што ќе го потврдува само исполнувањето на старосниот цензус без притоа да се нарушува приватноста или да се открива личниот идентитет на корисниците.










