Зеленски пристигна на погребот на папата Франц – повторно без одело?
Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, утрово пристигна на плоштадот „Свети Петар“ во Ватикан, само неколку минути пред почетокот на погребната церемонија за папата Франц. Но, она што веднаш го привлече вниманието на јавноста не беше само неговото присуство, туку и неговиот избор на облека.
Зеленски и овојпат не носеше класично одело, што според протоколот за вакви настани се смета за задолжително. Украинскиот претседател беше фотографиран во црни панталони, темна кошула и црна јакна – комбинација што се смета за неформална во ваков контекст.
Католичката црква е позната по строгите правила на облекување, особено кога станува збор за официјални церемонии како што е погребот на папата. За мажи се очекува да носат темно одело, бела кошула и долга црна вратоврска. Технички се дозволени и други темни нијанси како сива или темно сина, но речиси сите светски лидери на денешниот настан беа облечени во класично црно со бела кошула, според очекуваните стандарди.
Протоколот исто така предвидува и црни чевли, чорапи, палта и чадори. На левиот ревер е дозволено да се носи црно копче, а единствени дозволени украси се официјалните папски почести. Сите други модни додатоци кај мажите – како прстени, нараквици и часовници – треба да бидат крајно ненападни.
Жените, пак, се должни да носат црна облека, при што фустанот мора да биде под колената, со затворени црни чевли со ниска потпетица, црни ракавици и, по желба, тенок црн вел. Торбичката мора да биде мала и црна, а од накитот е дозволена само едноставна бисерна огрлица.
Иако Зеленски не го испочитува целосно протоколот, неговото присуство на церемонијата сепак беше одбележано како гест на почит.