Планот на американскиот претседател Доналд Трамп за формирање „Одбор за мир“ доби неочекуван удар – Полска и Италија официјално соопштија дека нема да се приклучат на иницијативата.
Трамп ја замисли оваа платформа првично како механизам за зацврстување на прекинот на огнот во Газа, но со амбиција таа да прерасне во глобален инструмент за решавање конфликти. Дел од аналитичарите веќе предупредуваат дека ваквиот формат би можел да стане алтернатива, па дури и ривал на Обединетите нации. Дополнителна контроверзија предизвика фактот што покана добиле и Русија и Белорусија.
Полскиот премиер Доналд Туск изјави дека Варшава засега нема да учествува, повикувајќи се на одредени нејаснотии околу структурата и функционирањето на Одборот. Сепак, тој не ја затвори целосно вратата, нагласувајќи дека односите со САД остануваат приоритет и дека можно е преиспитување доколку условите се променат.
Италија, пак, се повика на уставни ограничувања. Шефот на дипломатијата Антонио Тајани истакна дека сегашниот статут не обезбедува еднакви услови за сите земји членки, што е задолжителен принцип според италијанскиот устав. Според Рим, документот му дава премногу извршни овластувања на Трамп.
Иако премиерката Џорџа Мелони важи за близок сојузник на американскиот лидер, таа побарала измени во повелбата за да се овозможи приклучување.
Иницијативата, која требаше да обедини сојузници, сега се соочува со сериозен дипломатски предизвик уште на самиот почеток.

















