Една тинејџерка го загуби животот во трагична несреќа во Италија, откако карпа се срушила врз неа додека се обидувала да направи селфи на популарна плажа.
Несреќата се случила на плажата Чезана во Лентина, на брегот на реката Пјаве. Според очевидци, три девојчиња се искачиле на карпа над плажата за да се фотографираат. Во тој момент, дел од теренот попуштил и карпа се урнала врз едната од нив – петнаесетгодишната Гаја. Таа била згмечена и починала на самото место.
Една од нејзините пријателки се здобила со тешки повреди, меѓу кои повеќекратни скршеници и ампутација на два прста, но нејзиниот живот е надвор од опасност. Третата девојка поминала неповредена.
Пожарникарите од Фелтре пристигнале веднаш и, со специјална опрема, ја извлекле Гаја од под урнатините. Медицинскиот тим се обидел да ја реанимира, но безуспешно – лекарите ја прогласиле за мртва на лице место.
Веста за трагедијата ја потресе локалната заедница. Мајката на Гаја, кога дознала што се случило, доживеала тежок емоционален шок и итно била префрлена во болница. Семејството на девојчето веќе преживеало голема болка – пред осум години го загубиле таткото, кој починал на 32 години од тумор.

„Ова е неизмерна тага. Нема зборови со кои може да се опише оваа загуба. Целата заедница е во неверување“, изјави заменик-градоначалникот на Борго Валбелуна, Симоне Деола. Градоначалникот Карло Занела додаде: „Во моменти како овој, зборовите молчат.“
Истрагата за несреќата ја водат карабинерите од Белуно. Досега собрани се сведоштва кои укажуваат дека станува збор за несреќен случај.
Гаја ќе остане во сеќавањата како весела, ведра и талентирана девојка која го напушти животот прерано.