ПРВ.мк
Свет

Ryanair укинува хартиени билети

Ryanair укинува хартиени билети

Нискобуџетната авиокомпанија Ryanair објави дека од 12 ноември целосно преминува на дигитални авионски билети. Од овој датум сите патници ќе мора да го имаат својот билет за качување исклучиво во дигитален формат, достапен преку официјалната апликација „myRyanair“.

Првично компанијата планирала оваа промена да ја воведе на почетокот на месецот, но рокот бил одложен за да се избегне хаос за време на училишните распусти во Велика Британија. Според податоците на авиокомпанијата, околу 80% од патниците и сега користат дигитални билети, па затоа менаџментот смета дека транзицијата ќе биде лесна и безболна.

Од Ryanair објаснуваат дека оваа одлука е во согласност со современите трендови – фестивали, концерти и спортски настани одамна преминаа на електронски билети, а сега истото ќе важи и за авионските патувања со нив. „Со воведувањето на 100% дигитални билети ќе овозможиме побрзо, поеколошко и поедноставно патничко искуство“, изјави директорот за маркетинг на компанијата, Дара Брејди.

Сепак, авиокомпанијата предвиде и исклучоци од ова правило. Доколку патникот нема паметен телефон, батеријата му е празна или не може да пристапи до апликацијата, ќе може бесплатно да добие хартиен билет на шалтерот за пријавување на аеродромот – но само ако претходно завршил онлајн пријава.

Истата можност важи и за летовите од Мароко, каде што поради локални законски прописи хартиените билети сè уште се задолжителни. Во тие случаи, патниците повторно ќе добијат хартиен билет на аеродромот без дополнителен трошок, под услов навремено да се чекирале онлајн.