Украинската противвоздушна одбрана рано утринава обори дрон во близина на романската граница, додека Русија извршувала напади врз пристаништата на Дунав, соопшти романското Министерство за одбрана.
Според Министерството, дронов беше соборен на околу 100 метри од селото Килија Веке, наспроти украинската територија. По инцидентот, Романија подигна борбени авиони за следење на нападот.
Романија, како членка на Европската унија и НАТО, има 650 километри копнена граница со Украина.
Предупредувања за граѓаните Жителите на округот Тулча во петок наутро добиле три пораки преку системот Ro-Alert за можен пад на предмети од воздушниот простор. Вкупно, во последните 48 часа, властите издале шест слични предупредувања за пограничното подрачје со Украина.
Граѓаните се советувани да останат во затворен простор и да се засолнат во подруми или цивилни засолништа.
Повторливи инциденти Од почетокот на руските напади на украинските пристаништа на Дунав, повеќе пати е нарушен романскиот воздушен простор, а делови од соборените дронови паднале на територијата на Романија. Министерството за одбрана соопшти дека романските борбени авиони биле подигнати и претходно во неделата, кога дрон влегол во воздушниот простор на земјата за време на напад на украинската инфраструктура.
Романија има законска можност да обори дронови во мирнодопски услови доколку се загрозени животи или имот, но досега таа мерка не била применета.


















