Рибар од Риека имал необичен и потенцијално опасен улов – на јадицата му се закачила сребрена надувана риба (Lagocephalus sceleratus), инвазивен вид познат и како „риба зајак“, кој содржи исклучително силен невротоксин.
Дражен Пушкаш уловил примерок тежок околу 1,5 килограми на една од риболовните позиции во Риека. Бидејќи не знаел за каква риба станува збор, не ја допирал директно со раце, туку со клешти ја ослободил од мамката.
Откако ја фотографирал и дополнително проверил за кој вид станува збор, дознал дека уловил сребрена надувана риба. Примерокот подоцна бил предаден на Природонаучниот музеј во Риека.
Овој вид содржи тетродотоксин – силен невротоксин кој може да предизвика сериозно труење, парализа на мускулите, а во најтешки случаи и престанок на дишењето. Според податоците наведени во објавата, токсичноста на тетродотоксинот е околу 1.250 пати поголема од онаа на цијанидот.
Најголеми концентрации на отровот се наоѓаат во одредени органи и ткива на рибата. Симптомите на труење може да вклучуваат мачнина, болки во стомакот и трнење, а потешките случаи можат да доведат до парализа.
Сребрената надувана риба потекнува од потоплите мориња, но со текот на времето се проширила низ Средоземното Море и во Јадранот, каде веќе се регистрирани повеќе примероци.
Експертите предупредуваат дека ваквите риби не треба да се консумираат, а при сомневање за труење неопходно е веднаш да се побара медицинска помош.






