ПРВ.мк
Свет

Растат цените на горивата, Германија реагира: Донесена одлука што треба да ги ублажи поскапувањата

Растат цените на горивата, Германија реагира: Донесена одлука што треба да ги ублажи поскапувањата

Германија донесе важна одлука во обид да го ограничи растот на цените на горивата и да обезбеди стабилно снабдување со нафта и нафтени деривати.

Горниот дом на германскиот парламент, Бундесратот, одобри ослободување на околу 16 милиони барели нафта и нафтени производи од државните резерви.

Одлуката следува по предлог на германското Министерство за економија, кое побара привремено менување на правилата за задолжителните резерви.

Според новата мерка, резервите наместо за 90 дена потрошувачка ќе треба да бидат доволни за 82 дена, со што се создава простор дополнителни количества нафта да бидат пласирани на пазарот.

Германија уште во март се обврза да ослободи вкупно 19,5 милиони барели во рамките на меѓународен договор координиран од Меѓународната агенција за енергија (ИЕА).

Тогаш веќе беа ослободени приближно 3,5 милиони барели, а новата одлука овозможува пласирање и на преостанатите количества.

Причината за ваквите мерки се нарушувањата на енергетските пазари поврзани со војната на Блискиот Исток и притисокот врз цените на горивата.

Во меѓувреме, земјите членки на ИЕА најавија забрзување на заедничката акција за ослободување на нафтени резерви.

Според нивните информации, досега на пазарот биле пуштени приближно 330 милиони барели, а остануваат уште околу 100 милиони барели.

Од нив, 20 милиони треба да бидат пласирани што е можно поскоро, со посебен акцент на снабдувањето со дизел.

Целта на Германија и меѓународните партнери е да се намали притисокот врз цените и да се спречат дополнителни нарушувања во снабдувањето, иако останува неизвесно колкаво ќе биде влијанието врз цените на бензинските пумпи.