Американската јавност е потресена по објавувањето на 2.900 страници приватни пораки меѓу политичари, во кои се откриваат шокантни расистички и насилни изјави. Неколкумина републиканци веќе ги загубија функциите, а еден сенатор поднесе оставка поради содржината што вклучува навреди кон Афроамериканците, повици на гасни комори и дури изјави за љубов кон Адолф Хитлер.
Меѓу откриените разговори има пораки на група Млади републиканци кои на платформата „Телеграм“ ги нарекувале Афроамериканците „народот на лубениците“, додека еден член напишал „Јас го сакам Хитлер“. Во друга преписка, демократски кандидат од Вирџинија повикувал на насилство против политички противници, а кандидатот на Доналд Трамп за висока државна функција признал дека „понекогаш има нацистички пориви“.
Скандалот го отвори прашањето како јавни личности можеле да се чувствуваат слободни да изразуваат вакви ставови, дури и во приватни групи. Експертите предупредуваат дека ваквите разговори покажуваат колку е нормализиран говорот на омраза и политичката агресија во САД.
По објавата, дел од обвинетите политичари беа отпуштени или исклучени од партиите, а неколку организации се оградија од нив. Граѓанските здруженија бараат строги санкции, предупредувајќи дека ова е само врвот на ледениот брег кога станува збор за прикриени расистички структури во американската политика.














