Албанскиот премиер Еди Рама објави дека секој полицаец кој бил ангажиран во справувањето со насилните протести во земјата веднаш ќе добие парична награда од 2.500 евра. Тој најави и значително зголемување на платите на припадниците на полицијата од 1 јануари, со стапувањето во сила на новиот буџет.
Рама порача дека семејствата на полицајците заслужуваат поддршка и почит, признавајќи дека во изминатите години платите на полициските службеници не биле зголемени доволно.
„Вашите семејства заслужуваат солидарност, заслужуваат почит, а министерот го кажа тоа и претходно. Но, со текот на годините, вистината е дека не ви ја зголемивме доволно платата и затоа зборувавме пред неколку недели. Значи, со новиот буџет, од 1 јануари, вашата плата значително ќе се зголеми“, изјави албанскиот премиер.
Тој истакна дека дополнителната парична награда е признание за отпорот, жртвите, храброста и достоинството со кои полицајците се соочувале со демонстрантите, но и со критиките упатени кон полицијата во јавноста.
„Но, од друга страна, за целиот отпор, за целата жртва, за целата храброст и, пред сè, за достоинството со кое се соочувате не само со овие, туку и со оние кои ја масакрираат државната полиција на екраните, ја обвинуваат државната полиција на екраните, бараат државната полиција да се предаде, веднаш ќе ви ставиме на располагање износ од 2.500 евра за секој полицаец кој е на овој фронт“, рече Рама.
Седми протест во Тирана, премиерот упати предупредување до родителите
Во Тирана денеска се одржува седмиот протест, кој започна со студентскиот бунт на 13 октомври, а потоа прерасна во насилни демонстрации.
Утрово, пред почетокот на собирањето на демонстрантите пред Министерството за образование, повторно се огласи премиерот Еди Рама. Меѓу другото, тој порача дека родителите ќе сносат одговорност за насилните дејствија на нивните малолетни деца за време на протестот и дека ќе треба да ја надоместат причинетата штета.
Рама нагласи дека протестирањето е демократско право, но дека насилството претставува кривично дело и дека властите нема да дозволат преминување на таа граница.
„Протестите се право, додека насилството е кривично дело, и оваа црвена линија ќе биде повлечена цврсто во оваа критична фаза од нашиот демократски развој“, додаде албанскиот премиер.








