ПРВ.мк
Свет

Путин откри што уште сака да освои во Украина: „Ни останаа нешто повеќе од 10 проценти“

Путин откри што уште сака да освои во Украина: „Ни останаа нешто повеќе од 10 проценти“

Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека руските вооружени сили бележат напредок на бојното поле во Украина, нагласувајќи дека главната цел останува целосното заземање на Донецката област.

За време на посетата на воен команден центар, Путин, облечен во воена униформа, оцени дека динамиката на руската офанзива е позитивна.

„Офанзивата на нашите вооружени сили се одвива долж целата линија на фронтот, а темпото на напредување значително се забрза“, изјави Путин.

Според неговите проценки, нешто повеќе од 10 проценти од Донецката област сè уште се под украинска контрола.

На состанокот, началникот на рускиот Генералштаб, Валериј Герасимов, го информирал претседателот за наводното заземање на населените места Олексијево-Дружкивка и Добропиље.

Овие руски тврдења засега не се независно потврдени.

Москва и понатаму инсистира украинските сили да се повлечат од целата Донецка област како еден од условите за евентуален мировен договор.

Украина го отфрла таквото барање, оценувајќи дека повлекувањето би значело отстапување територија и создавање ризик од нови руски напади.

Во меѓувреме, украинската војска спроведува контраофанзивни операции во Донецката област, при што, според објавените информации, повратила дел од територијата.

Воените аналитичари посочуваат дека борбите и понатаму се исклучително тешки, особено поради масовната употреба на беспилотни летала.

И покрај оптимистичките изјави на Путин, исходот од борбите за Донецката област останува неизвесен.