Здравствените власти во Франција го потврдија првиот досега документиран случај на зараза кај човек со вирусот Шамонда, кој до неодамна беше познат исклучиво како инфекција кај животните. Пациентот кај кого бил откриен вирусот починал на почетокот на октомври, а европските здравствени институции внимателно ја следат ситуацијата.
Станува збор за вирус кој најчесто ги погодува говедата, но е регистриран и кај овци, кози и коњи. Неговата појава кај човек претставува прв ваков документиран случај во светот.
Според Европскиот центар за превенција и контрола на болести (ЕЦДЦ), заразениот пациент имал сериозно нарушен имунитет и веќе се лекувал од тешко заболување во болница во Лион.
Пациентот починал на почетокот на октомври, но здравствените власти нагласуваат дека истрагата сè уште треба да утврди дали вирусот директно ја предизвикал смртта или придонел за влошување на неговата здравствена состојба.
Како се пренесува опасниот вирус?
Вирусот Шамонда најчесто се пренесува преку убоди од ситни инсекти од родот Culicoides, кои се хранат со крв од животни.
Се претпоставува дека пациентот бил заразен во источниот дел на Франција, каде што во текот на пролетта и летото било забележано интензивно ширење на вирусот меѓу добитокот.
Иако случајот завршил трагично, француските здравствени власти нагласуваат дека засега не е утврдена опасност за пошироката популација.
Вирусот првпат бил откриен во Нигерија во шеесеттите години од минатиот век, а подоцна бил регистриран кај животни во повеќе африкански земји и во Јапонија.
Во текот на летото 2026 година, за првпат бил потврден и кај добиток во Европа, по што се проширил во повеќе европски држави, меѓу кои Франција, Германија, Италија, Шпанија, Белгија, Австрија и Швајцарија.
Големи штети за сточарството
Освен потенцијалните здравствени ризици, вирусот предизвикува загриженост и кај земјоделците.
Според истражување спроведено на девет млечни фарми во Франција, кај дел од погодените стада производството на млеко се намалило и до 75 проценти.
За вирусот Шамонда засега не постои комерцијално достапна вакцина.
Европските здравствени институции продолжуваат да го следат неговото ширење, додека француските власти спроведуваат дополнителни медицински, лабораториски и епидемиолошки испитувања.
Засега ова останува единствениот потврден случај на инфекција кај човек, а нема докази за пошироко ширење на вирусот меѓу луѓето.







