Германските безбедносни служби спроведоа координирана полициска акција во просториите на Дојче Банк во Франкфурт и Берлин, како дел од обемна истрага поврзана со сомнежи за перење пари. Рацјата се случила во средата и предизвика силни реакции во финансиските и политичките кругови.
Од Дојче Банк официјално потврдија дека обвинителството од Франкфурт врши истражни дејствија во нивните канцеларии, нагласувајќи дека целосно соработуваат со надлежните институции. Банката засега не открива дополнителни детали, повикувајќи се на тековната истрага.
Според информации од обвинителството, предмет на истрагата се поединечни раководители и вработени во банката, за кои постои сомневање дека биле вклучени во сомнителни финансиски трансакции. Дополнително, се испитуваат и деловни врски на Дојче Банк со странски компании за кои се верува дека можеби биле дел од мрежа за перење пари. Имињата на осомничените засега не се соопштени.
Веста за рацијата веднаш се одрази на финансиските пазари – акциите на Дојче Банк забележаа пад од околу 2,7 проценти. Ситуацијата е особено чувствителна бидејќи банката треба да ги објави финансиските резултати за четвртиот квартал и за целата година веќе наредниот ден.
Ова не е првпат Дојче Банк да се најде под лупа на истражните органи. Во изминатите осум години, банката била предмет на слични истраги и претходно, вклучувајќи случаи поврзани со перење пари и даночни прекршоци.

















