Во Русија е разбиена организирана криминална група која управувала со широка мрежа на нелегални печатници специјализирани за изработка на фалсификувани пасоши и други официјални документи. Во рамки на обемна полициска акција, приведени се 14 лица, соопшти портпаролката на руското Министерство за внатрешни работи, Ирина Волк.
Според информациите објавени од Волк на Телеграм, за време на акцијата биле запленети повеќе од 50.000 фалсификувани документи. Надлежните проценуваат дека криминалната мрежа преку оваа нелегална дејност остварила вкупен приход од над 2,6 милијарди рубљи, што изнесува околу 27,9 милиони евра, објави агенцијата Риа Новости.
Ирина Волк изјави дека станува збор за сериозна и добро организирана структура која подолг период функционирала незабележано. Таа нагласи дека криминалната мрежа била разбиена од страна на припадниците на Одделот за економска безбедност и борба против корупцијата при Главната управа на Министерството за внатрешни работи на Русија за Москва.
Според официјалните наводи, осомничените изработувале и пласирале на пазарот фалсификувани пасоши, универзитетски дипломи, лекарски уверенија и други документи кои лажно носеле ознаки и акредитиви на државни институции. За изработката биле користени меморандуми и визуелни елементи што им давале изглед на автентични службени документи.
Клиентите до овие услуги доаѓале преку огласи на социјалните мрежи и специјализирани веб-страници, при што мрежата оперирала преку околу 200 различни онлајн ресурси. На овој начин, фалсификуваните документи биле дистрибуирани низ повеќе региони во земјата.
Заплената е извршена на повеќе локации, меѓу кои Москва и московскиот регион, како и во Пензенската, Свердловската, Рјазањската, Јарославската, Тулската, Калушката и Курската област, како и во Татарстан и на Крим. Освен 14-те уапсени лица, уште 45 осомничени се пуштени да се бранат од слобода со кауција, додека истрагата продолжува со цел целосно да се утврди обемот на оваа криминална операција.
















