Двајца мажи се уапсени во Детроит, откако американските федерални власти ги осомнија дека планирале терористички напади врз угостителски објекти кои ги посетуваат припадници на ЛГБТ заедницата.
„Нашите американски херои спречија терористички напад“, изјави министерот за правда Пам Бонди, нагласувајќи дека навремената реакција на безбедносните служби спречила можен масакр.
Според судските документи, Мохамед Али и Маџид Махмуд, со помош на неколку соучесници, собрале големо количество оружје и подготвувале напад инспириран од идеологијата на Исламска држава (ИД).
Истражителите откриле дека Махмуд неодамна купил 1.600 куршуми за полуавтоматска пушка, а групата редовно вежбала во стрелишта во околината на Детроит.
Одбраната, пак, тврди дека случајот е преувеличен. „Ова е резултат на масовна хистерија и предизвикување страв, без реални докази дека навистина се планирал напад“, изјави адвокатот Амир Маклед, кој го застапува Али, пренесува Associated Press (АП).
Властите најавија дека истрагата продолжува, а обвинетите се соочуваат со тешки федерални обвиненија за тероризам и заговор.
















