Песков: Средба меѓу Путин и Зеленски е можна, но само по постигнување договори
Рускиот претседател Владимир Путин и украинскиот претседател Володимир Зеленски би можеле да се сретнат, но само доколку двете делегации претходно постигнат конкретни договори, изјави денеска портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.
„Таква средба е можна како резултат на работата на делегациите и по усогласување на одредени договори. Ја сметаме за можно сценарио“, изјави Песков, пренесуваат руските медиуми.
Тој потврди дека Русија и Украина се договориле да разменат списоци со услови за евентуален прекин на огнот и дека работата на тие документи е во тек.
Песков додаде дека преговорите меѓу двете страни продолжуваат и се одвиваат зад затворени врати. Според него, во моментов главниот фокус е ставен на постигнување договори, а не на директна комуникација меѓу лидерите.
Тој нагласи дека руската делегација, предводена од помошникот на претседателот Путин, Владимир Медински, ќе продолжи да учествува во разговорите со украинската страна. Песков потврди и дека по последната рунда преговори во Истанбул не се остварени директни контакти меѓу претседателите на Русија и САД.
Од украинска страна, министерот за одбрана и шеф на украинската делегација, Рустем Умеров, потврди дека теми на разговор биле и можната средба меѓу Зеленски и Путин, договор за прекин на огнот и размена на илјада воени заробеници.
Шефот на турската дипломатија, Хакан Фидан, изјави дека делегациите на Русија и Украина „во принцип“ се согласиле повторно да се сретнат по разговорите во Истанбул одржани вчера.