ПРВ.мк
Свет

Папата Лав по операцијата разговарал со Путин: Откриено што побарал од рускиот претседател

Папата Лав по операцијата разговарал со Путин: Откриено што побарал од рускиот претседател

Папата Лав XIV телефонски разговарал со рускиот претседател Владимир Путин, изразувајќи длабока загриженост поради тешката хуманитарна состојба во окупираниот украински град Олешки, во Херсонската област.

Според соопштението на Ватикан, објавено на 16 октомври, ова бил нивниот прв телефонски разговор од јуни минатата година.

Папата побарал прекин на огнот за да се овозможи доставување храна и медицинска помош до цивилите, како и нивна доброволна и безбедна евакуација.

Светата Столица истакнала дека папата ја потврдил својата посветеност на дијалогот и постигнувањето мир.

Разговорот се одржал додека папата се опоравува во болницата „Џемели“, каде што бил опериран во вторникот и му бил отстранет долниот лобус на десното белодробно крило.

Олешки се наоѓа во делот од Херсонската област што е под руска контрола, во близина на реката Днепар и линијата на фронтот.

Според украинските власти, околу 2.000 жители, меѓу кои и приближно 50 деца, се соочуваат со сериозен недостиг од храна, лекови и греење.

Хуманитарната ситуација дополнително се влошила поради минските полиња и засилената активност на беспилотните летала, кои го отежнуваат доставувањето помош.

Кремљ соопшти дека Путин изразил поддршка за хуманитарната иницијатива на Ватикан и подготвеност за соработка.

И покрај позитивниот сигнал од Москва, останува да се види кога и под кои услови ќе биде овозможена безбедна испорака на помош и евакуација на цивилите.