Најмалку пет лица загинаа во земјотрес со јачина од 5,1 степени според Рихтеровата скала, кој го погоди регионот Хунин во централниот дел на Перу.
Епицентарот на потресот бил во провинцијата Чупака, на длабочина од 22 километри. Иако првично беше соопштено дека земјотресот бил со магнитуда од 5,6 степени, подоцна надлежните ја коригираа јачината на 5,1 степени.
Според локалните власти, уништени се десетици куќи, а се урнал и историскиот крст „Господарот Каникруз“, стар околу 500 години. Голем број жители побарале помош од спасувачките служби.
Во земјотресот настрадале и голем број домашни животни, кои останале затрупани под урнатините.
Силниот потрес бил почувствуван и во главниот град Лима, како и во градот Хуанкајо. Надлежните служби продолжуваат со проценка на штетите и спасувачките активности.







