Пакистан започна воена операција против Индија откако ја обвини дека истрела проектили врз три пакистански воздушни бази доцна на 9 мај. САД повикаа на де-ескалација на тензиите меѓу нуклеарните ривали.
Американскиот државен секретар Марко Рубио разговараше со пакистанскиот вицепремиер и министер за надворешни работи Исхак Дар. Секретарот Рубио повтори дека двете страни мора да најдат начини за де-ескалација на сегашната ситуација и повторно воспоставување директна комуникација . Тој, исто така, понуди помош од САД за започнување на конструктивни разговори со цел да се избегнат идни конфликтни воени операции.
Ова го изјави портпаролката на Стејт Департменот Тами Брус по најновите воени операции на Пакистан врз две бази во Индија.
Пакистан започна воена операција против Индија откако ја обвини дека истрела проектили врз три пакистански воздушни бази доцна на 9 мај што преставува голема ескалација на тензиите меѓу двата нуклеарно вооружени соседи.
Пакистанската служба за односи со јавноста соопшти дека е уништено складиште што се користело за складирање на индиските ракети Брахмос. Војската соопшти дека имало и напади на неколку други локации, вклучувајќи го аеродромот Патанкот и воздухопловната станица во Удампур. Пакистан, исто така, соопшти дека истрелал проектили Фатах 1 врз двете индиски воздушни бази.
Индиската армија ги нарече акциите на Пакистан неприфатливи.
„Очигледната ескалација на Пакистан со напади со беспилотни летала и друго оружје продолжува долж нашите западни граници. Во еден таков инцидент, денеска околу 5 часот наутро, беа забележани повеќе непријателски вооружени беспилотни летала како летаат над Каса Кант, Амритсар“.
„Непријателските дронови беа веднаш ангажирани и уништени од нашите единици за воздушна одбрана“, соопшти индиската армија.
Според дописникот на Радио Машал (РСЕ), Васим Саџад, во раните утрински часови на 10 мај била пријавена експлозија во градот Пешавар.
„Бевме разбудени од звукот на експлозија околу 03:00 часот (локално време), по што следеше пукање од земја и видовме светла од земјата кон небото со звуци на пукање што продолжија речиси еден час“. јави Саџад.
Тензиите меѓу нуклеарно вооружените ривали се зголемија по нападот на популарното туристичко место во Кашмир контролирано од Индија, каде што загинаа 26 цивили, главно хинду туристи, на 22 април. Њу Делхи го обвини Пакистан за поддршка на нападот, обвинение кое Исламабад го отфрла.
Групата седум земји на 9 мај повика на максимална воздржаност и од Индија и од Пакистан и ги повика да се вклучат во директен дијалог.
Министрите за надворешни работи на Велика Британија, Канада, Франција, Германија, Италија, Јапонија, Соединетите Американски Држави и Европската Унија (Г – 7) „остро го осудија“ смртоносниот напад врз туристи во индиски Кашмир на 22 април и „апелираа на максимална воздржаност и од Индија и од Пакистан“.