Алпската држава Лихтенштајн, со околу 39.000 жители и исклучително ниска стапка на невработеност од околу 2 проценти, отвори бројни работни позиции со услови што привлекуваат сè повеќе работници од цела Европа. Понудените плати достигнуваат и до 8.000 евра месечно, а во одредени случаи се нуди и бесплатно сместување.
Работодавците активно вработуваат преку платформата EURES, службената мрежа за вработување на Европската унија. Позициите се отворени за граѓани од земјите членки на ЕУ, како и за работници од држави кои имаат договори за мобилност со Лихтенштајн и Швајцарија.
Барани се различни профили – од техничари, индустриски работници и фризери, до лица за нега и парови кои би работеле во домаќинства. За повеќето работни места не се бара високо образование, туку практични вештини, работно искуство и основно познавање на германскиот јазик, кој е службен во земјата.
Просечната бруто плата во Лихтенштајн изнесува околу 6.800 швајцарски франци, односно над 7.100 евра. Во сектори како што се ИТ, финансии и производство, платите можат да надминат и 10.000 франци. На пример, директор на ИТ сектор заработува околу 13.000 евра месечно, додека генерален директор може да зема и над 15.000 евра.
Во социјалните услуги, платите се пониски и изнесуваат околу 2.000 до 2.300 евра, но честопати со вклучено сместување, здравствено осигурување и платени обуки. За домаќинки и работници во домови за стари лица, платата се движи од 2.500 до 3.000 франци, со можност за дополнителни бенефиции.
Лихтенштајн е исто така привлечен заради ниските даноци – данокот на добивка е 12,5 отсто, а ДДВ изнесува само 8,1 отсто. Земјата нуди висок животен стандард, правна сигурност и стабилна економија, што ја прави интересна дестинација за оние кои бараат подобри услови за живот и работа во странство.