Техеран испрати сериозно предупредување до Софија поради присуството на американска воена опрема и персонал во Бугарија. Иранските власти порачаа дека бугарските воени бази не треба да бидат користени за евентуални американски или израелски операции против Иран.
Портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи, Есмаил Багеи, нагласил дека пораката не е насочена кон бугарскиот народ, туку се однесува на можноста територијата на друга држава да биде употребена за воени дејства против Иран.
Според ставот на Техеран, доколку некоја земја обезбеди поддршка за американски или израелски напади, тоа би било третирано како учество во агресија.
Багеи предупредил дека Иран го задржува правото да одговори на локацијата од која би бил изведен евентуален напад врз земјата.
Тој посебно се осврнал на присуството на американски авиони-цистерни во Бугарија, наменети за дополнување гориво на други летала во воздух.
Прашањето доби дополнително внимание откако бугарскиот парламентарен одбор за одбрана го поддржал предлогот за привремено распоредување американски воени авиони и персонал во воздухопловната база Безмер.









