Германскиот производител на спортски автомобили „Porsche“ објави остар пад на добивката во првиот квартал во вторникот, поради слабите резултати во Кина и повисоките трошоци.
Во периодот од јануари до март, приходите на „Porsche“ изнесувале 8,86 милијарди евра, што е за 1,7 проценти пониско во однос на истиот период минатата година. Оперативната добивка, пак, се намали за 40,6 проценти, на 760 милиони евра.
„Како што очекувавме, првиот квартал беше послаб“, изјави главниот финансиски директор на компанијата, Јохен Брекнер.
На почетокот од април, компанијата објави дека испорачала 71.470 возила во периодот од јануари до март, што е за осум отсто помалку отколку на почетокот на минатата година.
Продажбата во Кина се намали за 42 отсто, а на европскиот пазар беше намалена за 10 отсто. Испораките во Северна Америка скокнаа за 37 проценти, со продадени 20.698 возила, што делумно ја одразува ниската споредбена основа на почетокот на минатата година поради проблеми со увозот.
Во понеделникот, компанијата ја намали својата прогноза за целата година, наведувајќи ги повисоките трошоци за производство на батерии, програмата за реструктуирање, новите американски царини и континуираните лоши резултати на кинескиот пазар.
Менаџментот сега очекува 1,3 милијарди евра вонредни трошоци оваа година, 500 милиони повеќе отколку што предвидоа. Само во првите три месеци од оваа година, трошоците за „индивидуални проекти“ изнесуваа 200 милиони евра, изјавија тие.
„Решително инвестираме во иднината на Porsche, во производи, софтвер и мерки со кои сакаме да ја зајакнеме одржливоста на компанијата и цврсто да се позиционираме за иднината“, рече Брекнер.
Во февруари, менаџментот објави дека ќе намали околу 1.900 работни места во главната фабрика во Штутгарт и во развојниот центар во Вајсах до 2029 година. Тие, исто така, најавија стратешка промена и зголемени инвестиции во хибриди и модели со мотори со внатрешно согорување.
Управата во моментов ги базира своите прогнози врз претпоставката дека зголемените американски царини ќе стапат на сила во април и мај. Дополнителни трошоци се на товар на одлуката за суспендирање на плановите за независно зголемување на производството на високо-перформансни батерии во подружницата „Cellforce“.
Под такви околности, тие ја намалија својата годишна проценка на приходите од 40 милијарди на 37 до 38 милијарди евра. Во 2024 година, тој изнесуваше 40,1 милијарди евра и беше за 1,1 процент понизок отколку во 2023 година.
Макроекономската ситуација ќе продолжи да биде предизвикувачка и не можеме целосно да ја избегнеме, но можеме да направиме сè што е во наша моќ да се подготвиме за такви услови, рече финансискиот директор.
Лошите резултати на кинескиот пазар продолжуваат да влијаат силно врз компанијата, која очекува да потроши повеќе за поддршка на својата мрежа на добавувачи.
Германскиот производител на луксузни спортски автомобили е особено силно погоден од тензиите во трговските односи меѓу Кина и ЕУ. Брисел воведе дополнителни царини за увоз на електрични автомобили во Кина минатата есен, а Пекинг навести дека би можел да одговори со зголемување на царините за бензински седани и теренски возила со мотори поголеми од 2,5 литри.
Кина учествува со една четвртина од глобалната продажба на „Porsche“.