Унгарскиот премиер Виктор Орбан излезе со директна и контроверзна изјава – според него, конфликтот во Украина нема да заврши сè додека не се одржи директна средба меѓу Доналд Трамп и Владимир Путин. Ова го изјави во интервју за популарниот „Јутуб“ канал Ultrahang, пренесува унгарскиот портал „24.ху“.
Орбан отворено го нарече Трамп „човек на мирот“, истовремено изразувајќи сомнеж во искреноста на западните лидери и властите во Киев кога зборуваат за мир.
„Сите велат дека сакаат мир, а војната сè уште трае. Тоа значи дека некој не ја зборува вистината“, рече Орбан.
Тој обвини дел од Западот дека има скриени интереси за продолжување на конфликтот, и предупреди дека никаков договор нема да дојде од Киев. Наместо тоа, според него, решението лежи во директна дипломатска иницијатива од Вашингтон и Москва.
„Тие сакаат војната да продолжи, без разлика што изјавуваат. Мир ќе има дури кога Путин и Трамп ќе седнат на иста маса“, истакна Орбан.
Унгарскиот лидер нагласи дека потенцијалниот состанок помеѓу двајцата поранешни и сегашни лидери на Русија и САД би можел да отвори пат кон поширок меѓународен договор – не само за Украина, туку и за прашања поврзани со глобална трговија и контрола на оружјето.
Во исто време, се потсетува и на неодамнешната изјава на Доналд Трамп, кој рече дека е „многу, многу незадоволен“ од Путин, и предупреди дека ќе воведе сериозни секундарни тарифи за трговските партнери на Москва, доколку не се постигне дипломатски напредок во рок од 50 дена.
Познато е дека Будимпешта веќе подолго време отворено ги критикува напорите за вооружување на Украина, а Орбан честопати изразува спротивставен став во однос на членството на Украина во ЕУ и НАТО. Тој предупредува дека овие процеси не само што го продолжуваат конфликтот, туку и ја оптоваруваат економијата на Европа и нејзините граѓани.
Откако Трамп повторно се врати на власт во јануари, имал неколку телефонски разговори со Путин, при што двајцата размениле обвинувања за тоа кој е одговорен за недостатокот на напредок во мировниот процес.