Пратеничката и претседателка на ЛДП, Моника Зајкова, повторно ќе поднесе предлог-закон со кој ќе се бара намалување или укинување на неоснованите банкарски провизии и трошоци кои ги плаќаат граѓаните.
– ЛДП минатата есен ја започна кампањата „Твоја сметка, твои пари“ и преку Моника Зајкова поднесе предлог-закон до Собранието за регулирање на овие провизии. Предлогот предвидува укинување на трошоци за затворање на сметка, провизии за повлекување пари од банкомат на друга банка, онлајн плаќања и проверка на состојба на сметка, како и намалување на трошоците за подигање кредити и други мерки за заштита на потрошувачите во банкарското работење. Во голем дел од земјите во Европската Унија овие провизии се минимални или ги нема, додека кај нас се наплаќаат високи такси. Сепак, претходниот предлог беше одбиен без аргументирана расправа – изјави потпретседателот на ЛДП, Валентин Груевски.
Гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, неодамна упати апел до банките да ги намалат банкарските провизии, поради намалените трошоци на банките кон Народната банка.
– Не смее овој апел да остане само празен збор. Мораме да ја искористиме оваа шанса за намалување на банкарските трошоци, порача Груевски.