Обвинителниот акт за случајот „Пулс“, во кој се вклучени 17 лица, е веќе доставен до Основниот кривичен суд Скопје. Четворица од обвинетите, меѓу кои и газдата на дискотеката, ќе останат во притвор, додека останатите 13 продолжуваат да се наоѓаат под мерки на куќен притвор. Со ова официјално завршува истражната постапка, а сега започнува рокот во кој обвинетите и нивните адвокати можат да поднесат приговори, по што судот ќе одлучува дали ќе го прифати обвинението.
Целосно соопштение од судот:
Поради големиот интерес на јавноста за случајот поврзан со пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, Судот известува дека Кривичниот совет го продолжил притворот на обвинетите Д.Ј. и Т.Ј. од Кочани, како и на Џ.К. и Б.Х. од Скопје. Останатите обвинети, М.С., О.Г., Љ.П., И.Г., М.Г., С.Д. од Кочани, Ј.Ј. и Љ.Г. од Скопје, Б.М. и Ш.Х. од Тетово и Е.М. од Виница, ќе продолжат да бидат на куќен притвор.
Обвинетите и нивните застапници имаат право да поднесат жалба до Апелациониот суд Скопје против овие решенија, а Кривичниот совет ќе одлучува и по предлозите за продолжување на мерките за останатите обвинети.
Обвинителниот акт КООА 155/25, согласно одлука на Врховниот суд, е предаден на Основниот суд Скопје за постапување на 2 јули 2025 година, заедно со сѐ што е потребно за случајот – доказен материјал, вештачења, медицинска документација и техничка опрема.
При прегледот на предметот, утврдено е дека три правни лица обвинети во предметот немаат назначен законски претставник, па судот назначил претставници по службена должност.
На 8 јули 2025 година, Јавното обвинителство достави доуредување на обвинителниот акт, со дополнителни детали и лични податоци на обвинетите.
Откако обвинението ќе биде официјално доставено до сите обвинети и нивните бранители, започнува рокот од 8 дена за поднесување приговори, по што Кривичниот совет ќе заседава и ќе известува за понатамошните постапки.
Исто така, на 17 јули 2025 година, Основното јавно обвинителство Скопје е определено како надлежно обвинителство за постапување по овој случај.
Судот потенцира дека и покрај јавниот интерес, мора да се почитуваат правата на сите обвинети и законските рокови, за да се обезбеди правдата да биде брза, но не избрзана. Ова е важно за да не се направат пропусти што би можеле да го загрозат целиот процес и довербата во судството.
Извор: Libertas