Македонија стана првата земја во Европа која ги доби турските хаубици „Боран“, и со тоа направи историски чекор кон модернизација на својата Армија и целосно усогласување со стандардите на НАТО. На промоцијата што се одржа во касарната во Прилеп беше претставена новата артилериска батерија составена од 6 хаубици од 105 милиметри со дострел од 17 километри и способност за брзо распоредување – за само една минута.
Премиерот Христијан Мицкоски истакна дека оваа набавка е дел од поголемата стратегија за јакнење на националната безбедност и професионализација на Армијата.

„Нашата Армија со оваа опрема не само што ќе биде помоќна, туку и покоординирана, попрецизна и поусогласена со НАТО стандардите. Нема повеќе импровизации, нема повеќе застарена опрема и декларативна поддршка. Со оваа набавка ја градиме државата која самоуверено стои рамо до рамо со сојузниците“, изјави Мицкоски.

Министерот за одбрана Владо Мисајловски додаде дека покрај набавката на хаубиците, Турција донира и значајна количина дополнителна воена опрема – над 130 шатори, речиси 4.000 комплети борбена униформа, снајпери, чизми и друга логистичка поддршка.
Договорот за набавка на хаубиците беше потпишан на 21 декември 2022 година, а заедно со него веќе е договорена и набавка на муниција со зголемен дострел, како и системи за комуникација и контрола на оган, чија испорака се очекува во текот на следната година.
Оваа инвестиција е важен потег кон модерна, функционална и почитувана Армија, која ќе биде подготвена да одговори на сите безбедносни предизвици во согласност со обврските што произлегуваат од членството во НАТО.