Орбан: Членството на Украина во ЕУ ќе ги чини Унгарците – повикува на референдум во 2025
Унгарскиот премиер Виктор Орбан изјави дека Унгарија се противи на приклучувањето на Украина во Европската Унија, тврдејќи дека тоа би имало сериозни економски и безбедносни последици по унгарските граѓани. Во интервју за унгарското јавно радио, Орбан нагласи дека, доколку Украина стане членка на ЕУ, тоа ќе значи дека „ќе ги апсорбира сите унгарски пари“.
Според Орбан, западните лидери донеле одлука да обезбедат финансиска поддршка за Украина во форма на одржување армија со речиси еден милион војници, чии трошоци би ги покривале европските земји. Тој оцени дека, наместо да ги зајакнуваат сопствените вооружени сили, западноевропските земји сега ѝ плаќаат на Украина за воена сила составена од платеници.
„Ова претставува безбедносен ризик за Европа“, предупреди Орбан. „Не постои гаранција дека таа армија секогаш ќе биде пријателски расположена кон нас.“
Тој додаде дека членството на Украина во ЕУ би го олеснило носењето финансиски одлуки во нејзина полза и предупреди дека токму земјите од Централна Европа, меѓу кои и Унгарија, би ја сноселе цената на тоа проширување на Унијата.
Во тој контекст, Орбан најави одржување на национален референдум во 2025 година, на кој унгарските граѓани ќе се изјаснат за прашањето на пристапување на Украина во ЕУ.
„Да не дозволиме други да одлучуваат за нас“, порача Орбан, повикувајќи ги Унгарците да го искористат правото на глас.