Патниците што стануваат од седиштата и се обидуваат да излезат од авион веднаш по слетувањето во Турција би можеле да се соочат со парични казни од 60 евра, согласно новите прописи на турските воздухопловни власти.
Мерката има за цел да го намали хаосот што често се јавува по приземјувањето, кога патници – игнорирајќи ги безбедносните протоколи – нагло стануваат, се туркаат во премините и ги вадат своите рачни торби од горните шкафчиња, уште додека авионот се движи по пистата.
Според новата регулатива, казна ќе следува за секој што го откопчува безбедносниот појас пред авионот целосно да запре на терминалот. Воздухопловните власти очекуваат патниците да останат на своите места и по исклучувањето на сигналот за задолжително врзување, и да станат дури кога ќе дојде нивниот ред за излегување.
Како што пренесува германската новинска агенција ДПА, авиокомпаниите ќе имаат обврска да ги потсетуваат патниците на правилото, како и да ги известуваат дека секое прекршување ќе биде пријавено до воздухопловната управа и казнето согласно законот.
Овој потег е дел од пошироки напори за зголемување на безбедноста и редот во авиосообраќајот, особено по зачестени инциденти со нетрпеливи патници во летната туристичка сезона.