Рускиот претседател Владимир Путин најави дека Москва ќе одговори на украинските напади врз руските нафтени рафинерии, иако оцени дека досегашната штета не е особено значителна.
„Напаѓаат тука и таму, ништо особено сериозно. Сепак, продолжуваат“, изјави Путин, пренесува руската агенција „Интерфакс“.
Неговото предупредување следува по новиот напад со украински беспилотни летала врз нафтена рафинерија во руската област Рјазањ, каде што избувнал пожар.
Регионалниот гувернер Павел Малков потврди дека итните служби интервенирале на терен, додека проценката на материјалната штета сè уште трае.
Во нападите било оштетено и складиште на друга локација, но засега не се објавени дополнителни информации за последиците.
Нападот доаѓа во чувствителен момент, откако американскиот претседател Доналд Трамп во неделата објави дека Русија и Украина постигнале договор за енергетско примирје.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека Киев ги прекинал нападите врз енергетските објекти на три дена, на барање на САД.
Сепак, според Зеленски, Украина ќе продолжи со нападите бидејќи Русија не престанала да ја гаѓа украинската енергетска инфраструктура.
Рускиот вицепремиер Александар Новак претходно ја обвини Украина за напади врз рафинериите во Саратов и Рјазањ, но Киев ги негираше тие обвинувања.
Рафинеријата во Рјазањ е во сопственост на рускиот енергетски гигант „Роснефт“ и има значајна улога во снабдувањето на Москва со гориво.
Нејзините капацитети претставуваат речиси пет проценти од вкупните руски можности за преработка на нафта.
Најавата на Путин отвора прашања за натамошното почитување на енергетското примирје и можноста за нова ескалација на нападите врз инфраструктурата на двете земји.








