Војната во Иран предизвика сериозни нарушувања на глобалниот пазар на горива, а последиците би можеле да се чувствуваат многу подолго од самиот конфликт. Според анализа на Ројтерс, цените на дизелот и бензинот би можеле да останат на високо ниво со години поради намалениот капацитет на светските рафинерии.
Иако пазарот на сурова нафта успеа делумно да се приспособи на намаленото производство на Блискиот Исток, ситуацијата со преработката е значително покомплицирана. Во конфликтот е уништен повеќе од една петтина од рафинерискиот капацитет на Блискиот Исток, а ограничувањата во Ормутскиот теснец дополнително го погодија извозот на горива.
Брент нафтата се движи околу 90 долари за барел, што е приближно 25 проценти повеќе од почетокот на конфликтот, но цените на готовите горива пораснаа многу посилно. Европскиот дизел е поскап за повеќе од 70 проценти, додека американскиот бензин бележи раст од околу 60 проценти.
Дополнителен притисок создаваат и украинските напади врз руската енергетска инфраструктура. Руската преработка на нафта во последните месеци е намалена за речиси 30 проценти, на помалку од четири милиони барели дневно, а Москва во јули го забрани извозот на дизел.
Состојбата се одразува и врз рафинериските маржи. Во Европа разликата меѓу цената на дизелот и суровата нафта се зголемила повеќе од трипати од февруари и надминала 75 долари за барел. Во САД маржите на дизелот пораснале за повеќе од 140 проценти и достигнале рекордни нивоа.
Истовремено, светските резерви на гориво забрзано се трошат. Глобалните залихи на нафта од март до јули се намалиле за околу 3,5 милиони барели дневно, а во САД резервите на дизел се на најниско ниво за овој период од годината во последните три децении.
Проблемот е што ниту евентуален мировен договор и повторно отворање на Ормутскиот теснец не гарантираат брзо поевтинување. Повеќе од 20 рафинерии во земјите од Персискиот Залив биле оштетени, а нивното обновување може да трае долго поради сложените поправки и роковите за набавка на потребната опрема.
Тоа го зголемува ризикот високите цени на горивата да продолжат да ја поттикнуваат инфлацијата и да претставуваат долгорочен товар за домаќинствата и економиите, особено во Европа и Азија.







