Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху најави жесток одговор на утринскиот балистички напад на Иран врз израелска територија, при што беше погодена болницата Сорока во Бершеба. Повеќе од 30 лица се повредени, од кои четворица се во тешка состојба.
„Терористичките тирани на Иран лансираа ракети врз болницата Сорока и врз цивили во срцето на Израел. Ќе платат скапо“, напиша Нетанјаху на социјалните мрежи, а изјавата ја пренесува „Тајмс оф Израел“.
Во нападите, покрај Бершеба, биле погодени и Тел Авив, Рамат Ган и Холон. Медицинската служба МДА извести дека 80-годишен маж и 70-годишна жена се во критична состојба, а уште 30 лица се полесно повредени од шрапнели и урнатини.
Според иранската страна, целта на нападот не била болницата, туку воени објекти на израелската армија во близина, меѓу кои и седиштето на разузнавачката команда и кампот во технолошкиот парк Гав-Јам. Тие негираат дека директно ја гаѓале болницата.
Ситуацијата на Блискиот Исток продолжува драматично да се влошува, а Нетанјаху веќе најави дека одговорот на Израел ќе биде „силен и решителен“.