Хамас најави ослободување на израелско-американскиот заложник Едан Александер
Палестинското движење Хамас во неделата соопшти дека планира да го ослободи израелско-американскиот државјанин Едан Александер, кој беше заробен за време на нападите на 7 октомври 2023 година и оттогаш се наоѓа во појасот Газа.
Иако не е прецизиран точен датум за ослободување, семејството на 21-годишниот Александер информираше дека било известено оти неговото ослободување се очекува „во наредните денови“.
Според неименуван извор, не се планира официјална церемонија за примопредавање. „Најверојатно Едан ќе биде ослободен денес или утре, во вторник, но тоа зависи од создавање на соодветни услови на теренот“, изјави изворот.
Канцеларијата на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху претходно соопшти дека израелската армија ќе обезбеди безбеден коридор за да се овозможи неговото ослободување.
Сепак, премиерот Нетанјаху нагласи дека најавеното ослободување на заложникот нема да доведе до прекин на огнот во Газа, ниту пак до ослободување на палестинските затвореници. Тој повтори дека преговорите со Хамас за ослободување на преостанатите заложници ќе продолжат „под оган“, додека Израел се подготвува за натамошно интензивирање на борбите.
„Израел не се обврза на примирје, ниту на ослободување на терористи. Единствената обврска е обезбедување на безбеден коридор што ќе овозможи ослободување на Едан“, изјави Нетанјаху.
Тој додаде дека очекуваното ослободување на Едан Александер, кој е единствениот жив заложник со американско државјанство, е резултат на „воениот притисок“ што Израел го врши во Газа.
„Се наоѓаме во клучни денови, во кои на Хамас му е доставен предлог што може да доведе до ослободување на сите наши заложници. Преговорите ќе продолжат под оган, со паралелни подготовки за засилување на офанзивата“, рече Нетанјаху.
Од вкупно 251 лице киднапирано во нападите на Хамас на 7 октомври, според израелските власти, 58 сè уште се задржуваат во Газа, од кои 34 се веќе прогласени за починати.