Цената на нафтата продолжи силно да расте и денеска, а европската референтна нафта Брент се доближи до психолошката граница од 100 долари за барел, во услови на нова ескалација на конфликтот на Блискиот Исток.
Фјучерсите на Брент утрово пораснаа за 1,3 проценти и достигнаа 99,22 долари за барел, што е највисоко ниво од јули. Американската нафта WTI истовремено поскапе за 1,2 проценти, на 94,13 долари за барел.
Од почетокот на август, Брент поскапе за околу 25 проценти, а главната причина е растечката загриженост дека конфликтот на Блискиот Исток може дополнително да го наруши снабдувањето со енергенси.
Тензиите нагло се зголемија откако Хутите, поддржани од Иран, извршија напади врз повеќе саудиски градови и енергетски објекти. Американските сили, пак, уништија пет ирански танкери по претходни напади врз американски воен брод, додека Иран возврати со напади врз американски цели во Јордан.
Ситуацијата дополнително ја комплицира неизвесноста околу Ормускиот теснец, една од најважните рути за транспорт на нафта во светот.
Пред почетокот на конфликтот низ теснецот се транспортираа околу 20 милиони барели дневно, односно приближно една петтина од глобалната потрошувачка на нафта. Сега, поради воените тензии и сè почестото исклучување на системите за следење на танкерите, дури и аналитичарите имаат проблем точно да утврдат колкави количества нафта минуваат низ него.
Само шест товарни бродови поминале низ Ормускиот теснец во вторникот, значително под просекот од околу 12 во претходните десет дена, покажуваат прелиминарните податоци на компанијата Kpler.
Саудиска Арабија во меѓувреме се обидува дел од извозот да го пренасочи преку алтернативни правци, но аналитичарите предупредуваат дека продолжени напади врз енергетската инфраструктура би можеле дополнително да го нарушат снабдувањето на светските пазари.
Растот на цената на нафтата повторно ги засилува и стравувањата од инфлација, особено во економиите кои во голема мера зависат од увоз на енергија.
Аналитичарите предупредуваат дека евентуално пробивање на границата од 100 долари за барел нема да биде само психолошки момент за пазарите, туку може да стане предупредување и за пошироката светска економија.
Сега вниманието на инвеститорите е насочено кон Блискиот Исток и кон тоа дали најновата ескалација ќе продолжи. Секое дополнително нарушување на производството или транспортот на нафта би можело да предизвика нов притисок врз цените.









